Насловна
Денес во Општина Кисела Вода беше остварена протоколарна средба помеѓу новоизбраниот амбасадор на Република Франција во Република Македонија, неговата екселенција г-дин Кристијан Тимоние и градоначалникот на оваа општина.
Тргнувајќи од премисата дека улогата и на амбасадорот и на градоначалникот е да се биде најблиску до граѓанинот, францускиот амбасадор пројави желба да се информира за функционирањето на оваа локална самоуправа. Од страна на градоначалникот беше запознаен со основните одбележја и специфичностите на општината која е најстара во градот Скопје и годинава одбележува 62 години од своето постоење. Се дискутираше за инфраструктурата, за буџетот, за остварените инвестиции во изминатите четири години и фокусот на дејствување, односно вложувањата во енергетската ефикасност. Разговарајќи за досегашните и планираните вложувања на Република Франција во Република Македонија, беше отворена тема за можностите за соработка во периодот што доаѓа.
Средбата беше заокружена со желба за понатамошна успешна работа и соработка.