Насловна
Со вчераодржаната средба во селото Драчево започна циклусот на средби на градоначалникот Филип Темелковски со жителите на сите месни и урбани заедници од Општина Кисела Вода. Заедно со секретарот и раководителите на повеќе сектори од Општината, тој дискутираше за потребите и проблемите што ги имаат жителите на овој дел од Скопје.
Ги информираше за планираните санации и градежни зафати во периодот што следи, ги извести дека е доделено огревно дрво на социјално-ранливите категории на граѓани и дека планира развојот на општината да биде рамномерен, односно подеднакво да се развива и нејзиниот рурален и урбан дел. Истакна дека дека ДУП-от за село Драчево е при крај со изработка, а за Културниот Дом дека се надева дека до крајот на годината ќе биде завршен. Во врска со одбиените барања за легализација поради несоодветна документација и поминат рок за достава на елаборати, ги информираше граѓаните да го запазат рокот и повторно да поднесат барање за легализација, а потсети и на тоа дека лицата од социјално ранливите категории елаборатот може бесплатно да го изготват во Агенцијата за Катастар на недвижности. Жителите на селото Драчево до градоначалникот доставија голем број на барања. Меѓу нив, реновирање на Спортската сала и реконструкција на греењето во Кино салата на ООУ Св."Климент Охридски", заобиколницата да биде еден од првите приоритети, улицата Живко Фирфов да биде едносмерна и да се изгради паркинг простор, побараа довршување на водоводната мрежа во месноста Три Круши, подобрување на водоснабдувањето во Порупи...
На средбата беа отворени и прашања кои не се во надлежност на Општина Кисела Вода, туку на Градот Скопје или на институции кои се од централната власт. Градоначалникот Темелковски на присутните им даде ветување дека она што е во надлежност на општината тековно ќе се реализира, а за останатите проблеми и барања ќе се исконтактира со соодветните институции кои се надлежни за решавање на нивните проблеми.
Воедно, им вети дека средбите со него ќе им бидат почести во насока на што побрзо решавање на проблемите.
Состанокот продолжи со избор на Совет и Претседател на МЗ од селото Драчево.
Избор на Совет и Претседател на Урбаната заедница ќе се случува и вечерва во населбата Драчево. Градоначалникот ќе оствари средба со жителите од овој дел на градот во просториите на УЗ “Бобан Трпков”. Почеток е закажан за 19 часот.