Насловна
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, секретарот на општината, претседателот на Совет, раководителите на повеќе сектори од општината, претставници од Полициската станица Драчево, советници во Советот на Општина Кисела Вода беа дел од вчерашнaта средба со жителите на населбата Драчево.
Градоначалникот на самиот почеток ги информираше присутните за србаотеното во изминатиот период, а потоа го презентираше планот за активностите на Општината во периодот што доаѓа. Имено, градежните активности тековно ќе продолжат по отпочнувањето на градежната сезона. Како приоритетни за комплетна реконструкција ги посочи ул. Антон Димитров (ул.Жарко Зрењанин) и ул. Живко Фирфов (ул. Ужичка Република) заедно со тротоарите, реконструкцијата на водоводна мрежа на ул. Малешевска 1, санација на ул. Киро Фетак заедно со мостот за што информираше дека е веќе издаден налог за работа. Најави и дека Паркот на Бранители ќе се уреди хортикултурно, а во соработка со Агенцијата за млади и спорт ќе се опреми со спортска опрема. Во склоп на градинката 8-ми Март во н.Драчево, до крајот на 2019 год, ќе се гради нов објект заедно со Министерство за труд и социјала. Исто така наведе дека е во тек изградба на спортска сала во ООУ Рајко Жинзифов која е завршен проект од изградбата на новото училиште. Во 2019 год., предвидено е да се отпочне со атмосферска канализација на ул. Славка Димкова, а информираше и дека се изготвува проект во врска со објектот на УЗ Бобан Трпков во оваа населба, по што, во зависност од финансиите ќе се одлучи дали ќе се реновира постојниот или ќе се гради нов објект.
Градоначалникот Темелковски најави дека на територија на Општина Кисела Вода на 30 локации ќе се постават бесплатни Wi – Fi точки и дека ќе им се даде финансиска поддршка на спортските клубови. Исто така ги информираше дека поради проблемите со Катастарот ќе одржат средба со граѓаните во УЗ Бобан Трпков нас.Драчево во наредните месеци. Во врска со одбиените барања за легализација поради несоодветна документација и поминат рок за достава на елаборати упати апел до граѓаните да го запазат рокот и повторно да поднесат барање за легализација , а потсети и дека лицата од социјално ранливите категории елаборатот може бесплатно да го изготват во Агенцијата за катастар на недвижности.
Од страна на жителите на Драчево беа упатени повеќе прашања и барања, за кои добија одговор дека ќе бидат разгледани и ќе биде утврдена можноста за нивна реализација доколку се во надлежност на општината, а за останатите проблеми и барања ќе се исконтактира со Град Скопје, Министерство за здравство, Министерство за внатрешни работи и соодветните институции кои се надлежни за решавање на посочените проблеми.
На состанокот граѓаните дадоа повеќе предлози и го избраа новиот Совет и Претседателот на Советот на УЗ Бобан Трпков во населбата Драчево.
Вечерва средби со граѓаните ќе се одржат со жителите на Пинтија, во просториите на урбаната заедница, со почеток во 18 часот.