Насловна
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, како дел од работните активности кои ги започна пред две недели, вчера одржа состанок со граѓаните од урбаната заедница Бирарија. На овој работен состанок градоначалникот беше придружуван од страна на секретарот Александар Алексовски, како и дел од раководителите на стручните служби од општината. Присутни беа и претставници од ПС Кисела Вода.
Исто како и на досега одржаните средби во другите месни и урбани заедници, граѓаните имаа можност директно на градоначалникот да му ги презентираат нивните потреби, барања, како и предлози за подобрување на условите за живот во нивната урбана заедница.
Градоначалникот ги информира граѓаните за работните активности кои Општина Кисела Вода ќе ги преземе во наредниот период. Темелковски најави гасификација, како и донесување на ДУП – от за урбаната заедница Бирарија. Покрај ова, беше нагласено дека во периодот што следи ќе се започне и со градежни активности за реконструкција на улиците кои се под ингеренции на Општина Кисела Вода, а според планираното ќе се изврши и поставување на нова урбана опрема.
Воедно, Темелковски информираше и за тоа дека Општина Кисела Вода е средно задолжена, како кон Светска банка така и кон фирми и други институции. Градоначалникот истакна дека ќе се залага за создавање на подобри услови за живот за сите жители без разлика дали се од руралниот или урбаниот дел од општината.
Граѓаните од УЗ Бирарија избраа свои претставници во советот на урбаната заедница Бирарија. Избрани советници се: Стојановски Ристо, Трајковски Ратко, Костовски Милан, Стојановска Снежана, Драгомир Урошевиќ, Тодоровски Томче и Трајковска Јасна. За претседател на УЗ Бирарија избран е Трајковски Ратко.
Градоначалникот Филип Темелковски, вечерва ќе оствари средба и со жителите од урбаната заедница Црниче. Истата ќе се одржи во просториите на УЗ Црниче, со почеток во 19:00 часот.