Насловна
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски им даде поддршка на организаторите за реализацијата на вчерашната работилница за „Локално активно вклучување на младите во институциите“ .
Имено, вчера во просториите на Општина Кисела Вода, во организација на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид и Агенцијата за млади и спорт се одржа работилница за „Локално активно вклучување на младите во институциите“ - ЛАВМИ.
На оваа работилница која стартуваше од Општина Кисела Вода присуствуваше градоначалникот Филип Темелковски, кој ја поздрави реализацијата на истата и на организаторите , како и на присутните им посака успех во понатамошната работа. Покрај градоначалникот, на овој настан присутна беше и Александра Дичевска, претставник од Агенција за млади и спорт, која објасни за улогата и проектите за млади на Агенцијата.
Учесниците дискутираа за целта на проектот, односно одвојување на терминот политика и партија. Додека, младите советници од Општина Кисела Вода ја образложија работата на Советот и процесот на донесување политики во локалната самоуправа.
-Институтот Охрид веќе 8 години вложува во градењето на капацитетите на младите лидери и идните носители на одлуки и само преку постојан дијалог и развивање на вештините и знаењата на младите лидери ќе создадеме лидери кои ќе се однесуваат одговорно, принципиелно и мудро. ЛАВМИ ќе им овозможи на учесниците одлична можност да се стекнат со вештини за создавање и пишување предлог-проекти, а истовремено ќе стекнат и повеќе знаење за процесот на креирање политики за млади – истакна Билјана Јанева, директорка на институт Охрид.
На крајот, младите учесници ги идентификуваа проблемите со кои што се соочуваат на локално ниво и кои тие би сакале да бидат решени. Воедно, во периодот што следи вакви работилници ќе се оддржат и во шест скопски општини: Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош и Центар.
Општина Кисела Вода ќе продолжи да дава поддршка на сите проекти кои ќе имаат за цел да придонесат за подобра иднина на сите граѓани во Република Македонија.