Насловна
Денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, со градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов и со градоначалниците на скопските општини, потпиша меморандум за соработка.
Отсега за комуналниот ред и за зачувување на животната средина во Скопје и во општина Кисела Вода, инспекторите и редарите од Општината, заедно со инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Градот Скопје и од останатите скопски општини на терен ќе работат како еден тим.
- Од денеска, за комуналниот ред и животната средина во Скопје повеќе не постојат административни граници и пречки. Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини од денеска се дел од еден заеднички тим. Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа. Нашата заедничка цел е воспоставување ефикасна и независна инспекциска служба, целосно елиминирање на просторот за злоупотреби, со повеќе казни за оние што не го почитуваат законот и повеќе едукација за граѓаните во превентивна насока. Затоа со овој меморандум ги поставуваме основите за заедничко институционално делување во делот на инспекцијата, го прошируваме и надградуваме тимот и го унапредуваме целиот процес пред формирањето на заедничка комунална полиција која во градови со големина на Скопје е повеќе од неопходна – рече градоначалникот Шилегов, на денешната прес-конференција.
Заедничката работа на инспекторите ќе придонесе за почиста и поуредена општина Кисела Вода, почист воздух и поуреден град.