Користиме cookies со цел да ви овозможиме најдобро искуство и беспрекорно пребарување на нашата интернет страница. Истата користи cookies пораки од трети страни, со цел да Ви доставуваат информации кои ќе Ви бидат од корист. Продолжувајќи ја Вашата посета на оваа интернет страна, се согласувате на користењето на cookies.

Извршена енергетска обнова на ООУ "Круме Кепески"

Рејтинг на корисник:  / 1
НајлошоНајдобро 

Градоначалникот на општина Кисела Вода, постојаниот претставник на на Програмата за развој на Обединетите нации и генералниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, денес ја означија финализацијата на проектот за енергетска обнова на ООУ “Круме Кепески”. Истиот, во текот на изминатиот период се одвиваше преку Секторот за локален економски развој при општина Кисела Вода и опфати замена на постојните со нови прозори, изведба на нова фасадна топлинска изолација, замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча.

Средствата за негова реализација, во износ од вкупно 11 300 000 денари, се обезбедија од три субјекти. Се искористија буџетски средства на општината, парични средства од приватна компанија Цементарница УСЈЕ АД Скопје и од меѓународна институција-УНДП. 

-Се работи за промоција на завршницата на проектот “Реконструкција на ОУ Круме Кепески”, еден од проектите за кои општина Кисела Вода интензивно  размислуваше во последните две години. Веднаш штом станав градоначалник го нарачавме проектот затоа што констатиравме дека е од огромно значење. Неговата важност може да се види ако го споменам фактот дека училиштето е изградено во 1961 година и дека овде генерации и генерации наназад , денешни жители на Кисела Вода, го имаат заокружено својот образовен процес. Во моментов тука функционираат 28 паралелки и настава посетуваат над шестотини деца. Кога воочивме дека објектот е во незавидна состојба, проценивме дека итно треба да преземеме мерки за негова реконструкција. Она што беше најкритично беше кровот. Сеуште постоеја азбестните плочи, дел од нив беа поприлично оштетени и честопати се случуваше при поројни дождови училиштето да прокиснува. И внатре во самиот објект, посебно во зимските услови се чувствуваше влага.

Во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност, секако пред се, на UNDP и на госпоѓата Луиза Винтон, кај која наидовме на разбирање и соработка за сериозноста на проблемот со кој се соочуваме. Проектот го поделивме на три дела. Едниот дел беше реконструкција на кровот и негова изолација . Во тој дел учествуваше UNDP. Во делот на промената на фасадата и појачување на фасадата за да можеме да ја постигнеме висока енергетска ефикасност учествуваше “АД Цементарница Усје”. Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до извршниот директор Борис Хрисафов. Ова е една компанија која дејствува на територијата на општина Кисела Вода исто онолку години колку што е стара и самата општина. Имено, и компанијата и општината минатата славеа 60 години постоење. Мора да истакнам дека ова е можеби една од ретките, а во последниве години и единствена компанија на територијата на општина Кисела Вода која својата општествена одговорност ја изразува на овој начин. Во континуитет веќе години наназад излегува во пресрет на општината со помош при реконструкција на установите од предучилишна и училишна возраст. Она што го интензивиравме последниве две-три години е планскaта работа за и тие како компанија да може да си го планираат сопствениот буџет, а и ние како локална самоуправа, уште на почетокот на годината си таргетираме конкретен проект со конкретни средства, како компанијата би можела да си ги премери финансиските можности за да учествува во истиот. Во моментов интензивно преговараме за следниот проект. Инаку, општина Кисела Вода, со сопствени средства од буџетот ја направи промената на прозорците. Значи севкупно инвестиција од околу 11 милиони и триста илјади денари. Бидејќи станува за голем објект, реконструкцијата можеби се одвиваше малку подолго. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам и на директорката и на учениците и на целиот персонал од училиштето, а секако и на родителите, кај кои наидовме на разбирање за време на реконструкцијата. Ова е позитивен пример како една општина со два субјекти со кои има интензивна соработка во изминатиот период и овојпат ја оправда енергичноста во бранењето на проектот -истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ.

Во насока на уште една потврда на својата политика на одговорно корпоративно општествено работење, паричните средства за изведба на фасадна топлинска изолација на ООУ “Круме Кепески”, ги обезбеди АД “Цементарница Усје”. Генералниот извршен директор на оваа компанија потенцираше дека се горди што како компанија, но и како луѓе кои живеат и работат во оваа општина, имале можност, во партнерство со општина Кисела Вода и Програмата за развој на Обединетите Нации, да придонесат за креирање на подобри услови за децата и вработените во ова училиште.

-Во името на “Цементарница Усје-Скопје” сакам да се заблагодарам на градоначалникот на општина Кисела Вода што ни овозможи да учествуваме во еден ваков заеднички проект, заедно со UNDP. Ова претставува еден заеднички проект од делот на партнерство со училиштата. Оваа активност е дел од нашиот повеќегодишен проект наречен „Парнерство со училиштата“ кој започна во 2010-та година и кој опфаќа активности наменети за подобрување на условите и зголемување на свесноста и нивото на безбедност и здравје во училишните средини, како и на еколошките услови во сите основни училишта и предшколски установи на територијата на општина Кисела Вода, каде впрочем се наоѓа и Цементарница УСЈЕ.Сакам да напоменам дека покај материјалната поддршка што ја обезбедува компанијата, во реализација на активностите од овој проект, волонтески учествуваат и нашите вработени и членовите на менаџментот. Тоа покажува дека ваквиот вид активности се дел од нашите вредности, како луѓе, но и како компанија, и дека тие се дел од нашата традиција и трајна заложби за поддршка на заедницата на којашто припаѓаме-изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

 

Соработката на овој проект со Програмата за развој на Обединети нации, меѓународната институција со која општина Кисела Вода има остварено повеќе успешни проекти на полето на енергетската ефикасност, овозможи замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча. Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон во својата изјава ги наведе придобивките од реализацијата на ова тројно партнерство.

-Во името на UNDP,  задоволство е да се биде денес тука и да му честитам на градоначалникот на општина Кисела Вода на завршувањето на овој многу значаен проект.  За нас ова е идеален и класичен  пример на, како што ние го нарекуваме, тројна придобивка за одржлив развој. Успеавме заеднички да ги намалиме трошоците за да може општината да ги пренамени за други цели. Ја намаливме емисијата на стакленички гасови во придонес на климатските промени. Обезбедивме подобри работни простории и училници за да може учениците и вработените поквалитетно да го поминуваат своето време.  Како што градоначалничката кажа, ова е одличен пример за тројна соработка помеѓу UNDP, општината и приватниот сектор. Се надеваме дека многу други општини ќе го следат позитивниот пример во општина Кисела Вода и ќе се приклучат кон вакви активности. А Се надевам идека ќе продолжиме со вакви слични позитивни примери во општина Кисела Вода-заокружи Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Додај коментар


Линкови 2

NewsLetter

Внесете ја вашата email адреса за да добивате новости.


FacebookTwitterLinkedin

Twitter Новости

O_KiselaVoda Општина Кисела Вода организира информативен настан за отпадот во кругот на АД Охис https://t.co/ovuafSUQB0
O_KiselaVoda Општина Кисела Вода ќе биде домаќин на Меѓународен младински ракометен турнир КЛ7 2020 https://t.co/oj5nCdmiN2
O_KiselaVoda Општина Кисела Вода ќе биде домаќин на Меѓународен младински ракометен турнир КЛ7 2020 https://t.co/3klWf5HsNa