Љубителите на спортот од општината Кисела Вода, престојниот викенд, ќе можат бесплатно да проследат низа спортски настани во спортските сали ,,Независна Македонија“ и ,,Архиепископ Доситеј“.
Кошаркарките на ,,Бадел 1862“ во спортската сала ,,Независна Македонија“ во сабота во 16 часот се домаќини на големиот ривал “Вардар”. Љубителите на женската кошарка ќе можат да уживаат во дербито на колото и во мајсториите на кошаркарките на двата најдобри клуба во Македонија. Практично, играат актуелниот шампион и совојувачот на купот на Македонија за минатата година. Интересно е дека шампионскиот тим од Кисела Вода, во првата средба од годинашната сезона, како гостин, веќе успеа да слави над ”Вардар” па оттука, тим менаџерот на клубот Љупчо Павловски е оптимист околу крајниот исход на средбата:
- ,,Бадел 1862“ во тековната сезона нема пораз во сите категории. Вредно тренираме и се надевам дека и по вторпат ќе го совладаме “Вардар”. Добро е за женската кошарка да има повеќе вакви дерби средби, каде љубителите на женската кошарка ќе уживаат во убави потези на кошаркарките од двете екипи, -меѓу другото истакна Љупчо Павловски, тим менаџерот на Бадел 1862.
ЖКК “Бадел” 1862 во сабота како домаќин во спортската сала ,,Независна Македонија“ ќе игра уште два натпревари во младинските категории, и на двапати кошаркарките од Кисела Вода ќе играат двомеч со Гостивар. Со почеток во 12 часот, кадетките ќе играат со своите врснички од Гостивар, а два часа подоцна ќе се сретнат јуниорките на двете екипи.
Во сабота, пак, во спортската сала ,,Архиепископ Доситеј“ со почеток во 14.30 минути ќе се игра ракометен натпревар во рамките на Првата лига меѓу “Металург-Јуниор” и “Младост Богданци”.
Неделата е резервирана за кошаркарите на КК “Ангели” Кисела Вода. Во спортската сала ,,Независна Македонија“ јуниорите со почеток во 10.30 часот ќе играат со екипата “Пинк Пантер“ додека два часа подоцна младинците ќе се сретнат со градскиот ривал “Работнички”.
Влезот за сите натпревари е бесплатен.