По повод Светскиот ден на чистењето денес градоначалникот на Општина Кисела Вода заедно со заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, претседателот на Советот на општината Дарио Шимиќ и општинската администрација спроведоа акција за чистење на отпадоците кои од страна на несовесни граѓани се одложуваат на јавните површини.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски во своето обраќање изјави дека со спроведувањето на оваа акција најважно од се е да се остави пример за сите граѓани, како заедно да се грижиме за животната средина, како во општината, така и во државата. Воедно, Темелковски додаде дека локалната самоуправа минатата недела започна со акција за собирање на кабаст и секаков вид на отпад на својата територија. Градоначалникот нагласи дека оваа акција ќе продолжи да се одива и наредната недела се со цел за создавање на почиста и поубава општина.
Додека, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули изјави дека активностите за чистење денес како во Општина Кисела Вода така и во останатите општини се одвиваат во исто време. Покрај ова, Макрадули нагласи дека целта на оваа акција не е само симболичкото чистење туку повеќе пораката која што се праќа за тоа како го третираме отпадот, како се однесуваме кон отпадот бидејќи како што кажа се е создадено од човекот и човекот е главниот причинител за отпадот што во овој момент го имаме и дека тоа останува на човекот да го среди.
Претставникот на Go Green Антонио Јовановски изјави дека по повод Светскиот ден на чистењето денес во 156 земји во светот вклучени се преку 20 милиони волонтери во акцијата за чистење.
Со оваа акција беше извршено целосно расчистување на отпадоците на две локации, на трим патеката покрај пругите во Кисела Вода и под мостот на булевар Србија.
За успешно спроведување на акцијата за чистење истата беше поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје, како и од здруженијата Go Green и Ice Bottle Challenge. Исто така, вклучени во овие активности беа и дел од вработените во Цементарница УСЈЕ АД Скопје.
Покрај ова, со поддршка од Министерство за образование и наука и Општина Кисела Вода во сите основни училишта кои се под надлежност на локалната самоуправа вработените, наставниците и учениците извршија акција за расчистување на училишните дворови.
Глобалната акција за чистење која е иницирана од движењето „Let ’s Do it! World“ започна во 2008 година во Естонија. Целта на ова движење е зачувување на природата, како и создавање на почиста и поздрава животна средина во светот.