Денеска е Светски ден на милосрдието. Одбележувањето на овој ден, е подеднакво важно исто како и одбележувањата на останатите Меѓународни денови, кои му донесоа и му носат светлина, будење, разбирање и разумност на човештвото.
Не потсетуваат да помагаме, да се мобилизираме, а во исто време да им даваме поддршка и да им се заблагодариме на филантропите, компаниите, институциите, членовите на хуманитарните и волонтерските организации, и на сите добронамерни луѓе кои им помагаат на оние на кои им е најпотребна помош во животот.
Благодарение на Меѓународните денови воспоставени од страна на Обединетите нации, човештвото ги надмина и ги надминува предрасудите, дознава нешто повеќе за маките со кои се соочува поединецот, без разлика на верската, етничката, политичката и друга припадност.
Генералното собрание на Обединетите нации, како признание за огромните хумани дела на најпознатата скопјанка во светот, мисионерка и калуѓерка, добитничка на Нобеловата награда за мир, католичката светица Мајка Тереза, 5-ти септември, годишнината од нејзината смрт го прогласи за Меѓународен ден на милосрдието.
Да бидеме хумани и солидарни, да подаваме рака секому, да не дозволуваме да страдаат луѓето и животните.
Фотографија: Facebook United Nations