Женскиот кошаркарски шампион ,,Бадел 1862“ го претрпе четвртиот пораз во годинашнава сезона во ,,АБА“ лигата. Овојпат на домашен терен во спортската сала ,,Независна Македонија“ беа поразени од ,,Црвена Звезда“ од Белград со резултат 70:46, по четвртини 17:21, 12:15, 13:19 и 4:15.
И, овојпат пресудно за поразот на македонскиот кошаркарски шампион беше - ,,кратката“ клупа. Едноставно, тренерот Перо Стамески за натпреварување во една ваква силна конкуренција, нема на располагање доволно квалитетни играчи за ротација.
Во првите две четвртини од натпреварот, шампионот од Кисела Вода резултатски и со добра игра им парираше на ,,Црвена Звезда“. При резултат 15:15, бекот на ,,Црвена Звезда“ Невена Наумчев постигна три поени, а веднаш потоа Србинките направија разлика од 11:3, и практично тоа беше прво нивно поголемо водство.
Борбената игра на домаќините во средината на третата четвртина, резултираше со намалување на водството на ,,Црвена Звезда“ на само три поени разлика (22:25), но, веднаш потоа гостите прават серија од 14:2. Честите измени и свежината во играта придонесоа кошаркарките на ,,Црвена Звезда “ до крајот на средбата да ја одржат и зголемат разликата, притоа забележувајќи ја првата победа во ,,Б“ групата во ,,АБА“ лигата.
Најефикасна на натпреварот беше кошаркарката на ,,Црвена Звезда“, Богичевич со 19 постигнати кошеви, додека кај ,,Бадел 1862“ се истакна Трајчевска со 12 постигнати кошеви.
Во женската ,,АБА“ лига престои пауза од четири недели.