Насловна
Во ОУ Кирил Пејчиновиќ во општина Кисела Вода се одржа едукативен час за одговорно сопствеништво на домашните миленици.
Претставниците од агенцијата за храна и ветеринарство на едукативниот час одржан под мотото “Биди херој„ на првоодделенците им објаснуваа како да бидат одговорни сопственици, како да направат проценка дали се во можност да чуваат миленик, како да се грижат за него, но и како безбедно да постапуваат со бездомните животни. Објаснети беа и основите на заштитата и благосостојбата на животните, а акцент се стави на едукација за тоа како да се води сметка за сопственото и за здравјето на животните.
Со оваа интерактивна работилница започна реализацијата на втората фаза од регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ за подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, како еден од основите за контрола на бездомните кучиња.
Оваа кампања Република Македонија ја започна во мај минатата година заедно со соседните земји Србија, Бугарија, Косово, Албанија и со Хрватска и Црна Гора.
На едукативната работилница на децата им беа поделени едукативни боенки за одговорно сопствеништво, брошури и прашалници за потенцијалните одгледувачи на кучиња и постери.