Насловна
Заврши јавниот оглас за ангажирање на негуватели за стари лица преку програмата „Општинско-корисна работа“, проект “Се грижиме за возрасните”, која Општина Кисела Вода ја спроведува во соработка со УНДП. Невработените лица кои аплицираа на овој повик и кои ќе бидат избрани, ќе бидат задолжени за помош на стари лица кои живеат сами во домашни услови и имаат потреба од помош во извршување на секојдневните обврски и активности.
Ангажираните, од септември, во период од девет месеци ќе им помагаат на старите лица еднаш до два пати во текот на неделата во времетраење од два до четири часа околу одржување на хигиената во домот, набавка на потребните прехранбени производи и лекови, придружба при посета на лекар, фризер, прошетка, плаќање сметки и други потреби.
Согласно условите во проектот, евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од дваесет работни часови неделно. Оние кои немаат сертификат или уверение признаени од релевантните институции за стекнати вештини или компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера, согласно услугата која треба да се испорачува, прво ќе добијат обука.
За овој работен ангажман, негувателите ќе добијат паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање. Средствата се обезбедени преку финансиско партнерство на локалната самоуправа со УНДП, каде УНДП учествува со 80% од финансирањето.
Изборот пак на дваесетте стари лица кои ќе ја добиваат услугата, го прави Здружението на пензионери-Кисела Вода, со кое Општина Кисела Вода потпиша Меморандум за соработка.
Општина Кисела Вода, преку Секторот за локален економски развој го спроведува овој проект во соработка со УНДП уште од 2015 година. Преку него, досега беа времено ангажирани дефектолози, логопеди, негуватели, лични и образовни асистенти.