Во вториот настап во новата сезона во женската регионална кошаркарска АБА лига, КК Бадел 1862 го претрпе вториот пораз. Во рамките на третото коло, македонскиот шампион, тимот од Кисела Вода, на гостувањето во Република Бугарија, е поразен од КК Монтана со резултат 81:55.
Бугарскиот шампион и еден од фаворитите за освојување на првото место во нашата ,,Б“ група, беше убедлив во текот на целиот натпревар, по четвртини 22:16, 24:15, 19:10 и 16:14. Бразата игра, добриот скок под кошевите и ,, долгата клупа“ беа главни причини за доминантноста на домаќините. Од друга страна, кошаркарките на КК Бадел 1862 се истакнаа со својата борбеност, но сепак, брзите три лични грешки во средината на првата четвртина на Американката Браун, повредата на Стојановска и недостигот на квалитетна ротација на играчи, придонесоа за вториот годинешен пораз во АБА лигата.
Најефикасна на натпреварот беше кошаркарката на КК Монтана, Лиза Бурдгрес со 18 постигнати кошеви, додека во екипата на КК Бадел 1862 најдобра беше Нена Трајчевска со 14 постигнати кошеви.
- КК Монтана ја оправда фаворитската улога, но генерално сум задоволен од ангажираноста на нашите кошаркарки. Додека имавме сила го дававме максимумот, но кога се повреди Стојановска ни се намали ротацијата на играчи, па оттука и поразот беше неминовен, - истакна тренерот на КК Бадел 1862, Перо Стамески.
Во следното коло, на 20-ти овој месец, нашиот шампион во Подгорица ќе игра со Будуќност.